На ден пред првиот натпревар од двомечот против Литванија, македонската репрезентација ги врши последните подготовки.
Јасно им е на сите во тимот дека секој кошаркар ќе мора да го даде својот максимум, без разлика на која позиција игра и во каква форма е во моментов. Тоа најдобро го знае Адем Мекиќ, искусен репрезентативец кој иако игра на бековските позиции, на претходниот меч против Полска беше најдобар скокач во тимот со 10 скока.
„Литванија е една од најсилните репрезентации во светот, а дуелите со неа се од исклучително значење за нас. Имавме успех на гостувањето во Полска, ќе мораме сите да бидеме на висина на задачата, да дадеме 200% од нашите можности и да се обидеме да изненадиме барем на домашен терен.
Како репрезентација, мораме да бидеме агресивни, секако дека го респектираме противникот, но не смееме да се повлечеме. Мораме да веруваме во позитивен резултат“, рече Мекиќ.
Првиот дуел од двомечот меѓу Македонија и Литванија се игра утре од 18 часот во Скопје. Реваншот е три дена подоцна во Клаипеда.


