По триумфот во Купот на Хрватска со екипата на Задар, Адем Мекиќ се враќа во репрезентацијата откако летоска ги пропушти олимписките претквалификации во Талин.
Со оглед на неговото искуство, Мекиќ треба да биде еден од адутите на селекторот Александар Јончевски за дуелите со Естонија и Полска. Пред петочниот натпревар, тој смета дека противникот е фаворит, но далеку од тоа дека македонската репрезентација планира да се предаде.
„Естонија е репрезентација која е многу агресивна, која игра брза и атрактивна кошарка и е во постојан напредок последните години. Но, ние сме домаќини, играме на домашен терен, имаме релативно млада екипа, надополнета со неколку искусни кошаркари. Мораме да излеземе максимално подготвени, верувам во целата екипа, имаме играчи како Ненад Димитријевиќ, Војдан и Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски… кои се мошне искусни и квалитетни, а надополнети со неколку млади и квалитетни кошаркари.
Фаворитската улога би ѝ ја префрлил на Естонија. Добро е тоа што овие натпревари доаѓаат по завршницата на Купот на Македонија бидејќи е јасно дека формата е темпирана за овој период, но од друга страна постои физички замор и емотивна исцрпеност. Ќе видиме како сето тоа ќе се одрази на теренот и каква ни е физичката подготвеност во моментов“, изјави Мекиќ.


