Менаџментот на Мемфис Гризлис одлучи да ја прекине соработката со Дерик Роуз, само една година откако плејмејкерот дојде во екипата.
Роуз лани стана член на Мемфис, по две сезони поминати во тимот на Њујорк Никс. Не се изнаигра во екипата од Тенеси, настапи на само 24 натпревари и оствари просек од 8 поени, 3,3 скока и 1,9 асистенции, но знаеше да покрие во моментите кога Џа Морант беше суспендиран, потоа и повреден.
Сепак, факт е дека поранешниот МВП на НБА е далеку од посакуваната форма, а веќе една деценија се мачи и со повреди. Од 2011 година нема одиграно повеќе од 66 натпревари во сезона, а во последните пет натпреварувачки кампањи, максимумот му беше 35.
Со оглед на неговата историја со повреди, лошата форма, но пред се фактот дека за десетина дена ќе наполни 36 години, се посериозно се поставува прашањето дали тука е крајот на кариерата на кошаркарот кој многу ветуваше на почетокот на својата кариера. Не е исклучено, сепак, да продолжи, а има точно еден месец до почетокот на новата сезона да најде екипа каде, евентуално, би играл.


