Василије Мициќ не беше во најдобра форма ова лето додека играше за српската репрезентација што и не е големо изненадување ако се знае дека имаше турбулентна сезона во НБА во која не се наигра претерано.
Сепак, искусниот плејмејкер блесна во мечот за бронзениот медал и постигна 19 поени што беше негов рекорд на Олимписките игри. И покрај тоа што има две титули во Евролигата, а еднаш беше прогласен за МВП на сезоната во истото натпреварување, категоричен е дека овој успех има најголемо значење за него.
„Најважен е медалот, а за личните достигнувања, јас одамна не се грижам. Среќен сум што можам да ѝ помогнам на екипата, денеска тоа беше подобро, некогаш е полошо. За мене оваа бронза блеска како злато, јас има проблем со експресијата, но верувајте ми дека ми значи најмногу во кариерата“, рече, меѓу другото, Мициќ.
За него ова беше и прв настап на олимписки игри, а има и сребрен медал од Европското првенство во 2017 година кога во финалето Србија беше поразена од Словенија.


