Поранешниот МВП на Евролигата, Василије Мициќ откри дека планира да игра за српската репрезентација на претстојните Олимписки игри откако го пропушти Светското првенство минатата година за што подобро да се подготви за својата дебитантска сезона во НБА.
Таа за него заврши во неделата, па сега ќе биде слободен до лето кога би почнале подготовките за настапот во Париз.
„Траењето на сезоната е поинакво, лани завршивме во јуни и потоа најчесто се тргнува со репрезентацијата што не ми дозволува да работам на индивидуалните корекции. Тоа е главната разлика меѓу кошаркарите во Европа и НБА. Сега ќе се посветам на својот напредок и Олимписките игри во јули и август. Ќе ми користи низ натпреварите да не излезам од форма, а пред и потоа ќе работам на својата игра“, изјави Мициќ.
Својата прва сезона во НБА тој ја почна во Оклахома, за подоцна да биде трејдуван во Шарлот каде имаше многу поголема минутажа,но не успеа да се пласира во плејофот. По неговата изјава, српската спортска јавност е во исчекување дали на Олимписките игри ќе настапи и најголемата кошаркарска ѕвезда во земјата Никола Јокиќ.