Министерот за спорт Борко Ристовски денеска најави вонредна инспекција на Кошаркарската федерација по тврдењата за лош третман на јуниорската репрезентација пред и за време на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје.
Селекторот Горан Андреевски во интервју за порталот Спорт1 се пожали дека кошаркарите не ги добиле неопходните услови што беше аларм за реакција од државниот врв.
„Тоа што можам да го кажам е дека изјавите на селекторот се доста загрижувачки и ќе направиме сѐ што е во наша моќ, во најбрзо време, можеби и идната недела да испратиме инспекција во федерацијата за да ги провериме тврдењата на селекторот дали се точни и дали се потрошени сите средства кои ги добиваат федерациите од државата и тоа на вистинско место“, изјави денеска Ристовски.
Јуниорската репрезентација на спомнатото Европско првенство ја освои шампионската титула и обезбеди пласман во А-дивизијата.


