Тренерот на Работнички, Владимир Мирковски по новата победа на својот тим испрати јасна порака дека во изедначената Суперлига нема простор за опуштање и потценување на противниците.
Мирковски признава дека неговите кошаркари не го започнале натпреварот против Кожув на посакуваното ниво, дозволувајќи му на противникот да ја преземе иницијативата и да постигнува лесни поени. Сепак, квалитетот, поширокиот ростер и подолгата клупа на крајот дошле до израз и му помогнале на Работнички да стигне до заслужен триумф.
„Во натпреварот влеговме премногу опуштено, му дозволивме на противникот да се разигра и да постигнува лесни поени. Долго време не успевавме да го пронајдеме вистинскиот ритам во одбраната, но ширината на нашиот ростер и подолгата клупа на крајот се пресудни за заслужената победа“, истакнува Мирковски.
Предводникот на „центарци“ потенцира дека екипата мора да продолжи со максимална посветеност, без оглед на досегашните резултати. Според него, конкуренцијата во домашното првенство е голема, а секој натпревар бара максимален ангажман.
„Продолжуваме со напорна работа, максимална посветеност и со двете нозе цврсто на земја. Лигата е исклучително изедначена, нема лесни противници и секоја победа мора да се заработи на теренот“, порачува тренерот на Работнички.
Мирковски верува во карактерот и заедништвото на своите кошаркари, нагласувајќи дека токму тимскиот дух и борбеноста се основата врз која треба да се градат успесите.
„Верувам во овој тим, во нашето единство, во карактерот и во кошаркарите кои го оставаат срцето на теренот и се борат за секоја топка. Победите се градат со работа, борба и заедништво!“, завршува Мирковски.
Следен противник на Работнички е актуелниот шампион МЗТ Скопје кој има уште една напорна недела, со гостување кај Ираклис во ФИБА Европа купот. Исходот од „вечното“ дерби многу веројатно ќе одлучи кој ќе ја заврши годината на првото место на табелата.


