Поранешниот кошаркар на Партизан, а сега директор на белградската Арена, Горан Грбовиќ ја објасни состојбата која владее меѓу „црно-белите“, како и некои случувања од пред почетокот на оваа сезона.
Меѓу другото, тој тврди дека е упатен во ситуацијата која се случи во текот на летото кога од Партизан си замина Јам Мадар што предизвика гнев кај сите во клубот. Интересно е тоа што за преговорите со Миротиќ, тој зборува во прво лице множина.
„Преговаравме со Миротиќ 23 дена, мислам дека тоа не се случило во историјата на менаџерската култура. Дури и Џордан да е во прашање, тоа не се случува, се се прави во еден ден. Тоа ни одзеде време, целата концепција беше заснована на него и тој добро го знаеше тоа.
Во меѓувреме, Партизан загуби 20 дена во кои не купи ниеден играч, не водеше сметка за оние кои ги има, а за тоа винаа има и администрацијата. Кога Миротиќ се откажа, повеќе немаше слободни квалитетни кошаркари на пазарот, па Партизан мораше да купува од она што остана и гледате сега какви играчи се тие.
Поради целата ситуација со Миротиќ, Партизан заборави да ги исплати последните плати кон играчите, Мадар го искористи тоа и излезе од договорот. Јас знам дека Миротиќ лажеше бидејќи тој не преговараше само со нас, туку и со Панатинаикос, Олимпија Милано и некои други. Според мене, поважен за Партизан е Мадар, Миротиќ е заменлив, Мадар не е, тој требаше да биде мотор на оваа екипа“, тврди, меѓу другото, Грбовиќ.
Поради случајот со Мадар, Партизан објави дека ја прекинува соработката со познатиот српски менаџер Мишко Ражнатовиќ кој го застапува Израелецот.


