Будуќност сака да направи еден од најзвучните трансфери во историјата на АБА-лигата и започнува офанзива за ангажман на Никола Миротиќ.
Според информациите на регионалните медиуми, подгоричкиот клуб е сериозно заинтересиран за искусниот крилен центар и веќе подготвува понуда за неговиот потпис. Се очекува наскоро да започнат и официјалните разговори меѓу двете страни.
Миротиќ во моментов е слободен играч, откако летово се раздели со Монако. Искусниот кошаркар и понатаму е интересен за повеќе европски клубови, но Будуќност се обидува да го убеди да се пресели во Подгорица и да стане носител на амбициозниот проект.
За Миротиќ интересот не недостасува. Во текот на летото неговото име се поврзуваше со повеќе европски клубови, а неговото богато искуство и квалитет го прават едно од најатрактивните имиња кои сè уште се достапни на пазарот. Токму затоа евентуалното доаѓање во Будуќност би било огромен трансфер за црногорскиот клуб и за целата АБА-лига. Миротиќ зад себе има богата кариера во Европа и НБА-лигата, а во Евролигата беше прогласен и за МВП во 2022 година.
Ако Будуќност успее да го убеди Миротиќ, тоа би бил трансфер кој сериозно би ја променил сликата во АБА лигата, но ќе биде интересен и од друг аспект. Поранешниот шпански репрезентативец е роден во Подгорица, но никогаш во животот не играл професионална кошарка таму. Многу млад замина во академиијата на Реал каде дебитираше на сениорско ниво, а потоа кариерата го однесе во НБА, па во Барселона, Милано и претходната сезона во Монако. Евентуален договор со Будуќност ќе му овозможи и да заигра во Еврокупот каде исто така не играл никогаш порано.
Со оглед на тоа што има 35 години, а во февруари ќе наполни 36, не е исклучено во родниот град да ја заврши својата играчка кариера.


