МКК Куманово е победник на првиот меморијален турнир „Зоран Петковски – Петкото“, кој денеска и вчера се одржа во Битола во чест на познатиот кошаркар, тренер и наставник.
Кумановци до трофејот стигнаа по успешните настапи на турнирот, на кој учествуваа четири екипи – МКК Куманово, Пелистер, МЗТ Скопје и ТФТ. На двата меча МКК Куманово оствари двоцифрени победи, во полуфиналето го совлада Пелистер со 80-61, а во финалето беше подобар од ТФТ со 75-64. Третото место го освои МЗТ Скопје кој го победи со 85-63.
Турнирот имаше посебно значење за македонската кошарка, бидејќи беше посветен на Петковски, човек кој остави значаен белег како кошаркар и тренер, а во текот на кариерата настапуваше и за Куманово, Пелистер, МЗТ Скопје, Вардар, Соколи и други клубови.
Покрај спортскиот, настанот имаше и хуманитарен карактер, со цел преку кошарката да се продолжи споменот на Петковски и да се испрати порака за заедништво и солидарност.
Со освојувањето на првото место, МКК Куманово го запиша своето име како прв победник на меморијалниот турнир посветен на Зоран Петковски – Петкото.


