Дебитантот во елитната конкуренција МКК Куманово продолжи со максималниот ефект на домашен терен откако вечерва го совлада Феникс со 73-66 во маратонскиот меч кој траеше повеќе од 2,5 часа.
Причина за тоа беше прекинот пред крајот на првото полувреме поради фрлените пиротехнички средства на теренот, а кој предизвика пауза од околу 50 минути. Во продолжение подобар домашниот тим кој на крајот успеа да ја оствари третата победа во сезоната, сите остварени на домашен терен.
МКК Куманово, сепак, дури во последната четвртина го скрши отпорот на противникот. Феникс често беше во водство, но по серијата од 7-0 во финалниот квартал домаќините отидоа на 65-57 за на четири минути пред крајот да направат и двоцифрена предност (71-61). Феникс се обиде да направи пресврт, се доближи на 66-71, но не успеа целосно да го сврти резултатот во своја корист. Поради тоа остана на претпоследната позиција на табелата со само една победа во досегашните седум кола.
Тадиќ го предводеше МКК Куманово со 20 поени, Радукиќ постигна 16 поени и 18 скока, а Луковиќ додаде 17 поени и 12 скока. Митревски и Адетукаси со по 13 поени беа најдобри кај Феникс.


