Дебитантот во Првата македонска кошаркарска лига МКК Куманово побарало одложување на стартот на првенството, на претходниот состанок на Здружението на прволигаши, но останатите клубови не прифатиле.
Како аргумент за своето барање, според присутните на состанокот, кумановци навеле дека немаат време за составување на тимот и за одржување на подготовки бидејќи досега не почнале ни со тренинзи, а немаат ни доволно играчи во својот тим. Некои од оние кои минатата сезона обезбедија пласман во Првата лига си заминаа, па неизвесно е дали клубот ќе успее да се стабилизира во следните 20-тина дена.
„Барањето на претставникот од МКК Куманово од Куманово, Бранислав Јовановски за пролонгирање на почетокот на првенството, не беше прифатено од другите претставници на екипите, членки на Здружението на екипите од Првата лига мажи“, пишува во извештајот од состанокот.
Планирано е првенството да почне на 5 октомври, а една недела претходно, на 28 септември е дуелот од Суперкупот на Македонија, меѓу МЗТ Скопје и Пелистер.


