Новиот член на Првата македонска кошаркарска лига, МКК Куманово во иднина тесно ќе соработува со еден од најголемите клубови во регионот и пошироко Партизан од Белград.
Двата клуба потпишаа трогодишен договор за соработка во областа на едукацијата, и унапредување на сите сегменти во работата. На состаноците во Белград, во име на македонскиот клуб присуствуваа претседателот на МКК Куманово, Ненад Стојановски и директорот Андреја Маџовски кои јасно истакнале дека кумановскиот прволигаш има највисоки амбиции.
Соработката меѓу МКК Куманово и Партизан треба да придонесе за развој на регионалната кошарка и ќе ги зацврсти врските меѓу пријателските држави и клубови. Во МКК Куманово претстојната сезона ќе играат и двајца поранешни кошаркари на Партизан, Урош Луковиќ и Тадија Тадиќ.


