Јасно беше дека не припаѓа во ова друштво, но поради лошите резултати во основниот дел од сезоната, МКК Куманово мораше да игра за опстанок, место за титула.
Иако навивачите се далеку од задоволни, впечатокот е делумно поправен со тоа што плејаутот го заврши со максимален ефект откако вечерва славеше на гостувањето кај Феникс со 98-92. Како и останатите натпревари од последното коло, овој исто така немаше резултатско значење, а тоа им овозможи на двете екипи да да играат растоварено.
Во такви услови нешто подобро се снајде гостинскиот тим кој се наоѓаше во водство во најголемиот дел од натпреварот. Победникот, практично, се решаваше во последната минута. Феникс се доближи на само еден поен негатива (92-93), но потоа Максим Митевски беше прецизен од линијата за слободни фрлања, Дајсон промаши тројка и повеќе немаше надежи за домашмниот тим.
Стевановиќ беше најдобар играч на МКК Куманово, оствари дабл дабл со 23 поени и 11 скока, а се истакна и Луковиќ со 16 поени и 11 скока. Лука Савичевиќ го одигра најдобриот натпревар откако дојде во Феникс, постигннувајќи 22 поена.


