По триумфот против Тиквеш, дебитантот во елитата МКК Куманово ја оствари и втората победа оваа сезона и повторно на домашен терен.
Кумановци беа подобри од Гостивар со 71-62 со што се израмнија со својот денешен ривал со биланс 2/3. Одлучувачка беше добрата одбрана на домашниот тим и покрај тоа што двете екипи не се истакнаа премногу во нападот.
Првото полувреме мина во релативно израмнета игра, а највисоката предност ја имаа гостите во воведната четвртина кога поведоа со 20-11. МКК Куманово брзо го врати ударот, на полувреме замина со 36-32, а прашањето околу победникот беше решено во последниот период кога домаќините отидоа на +14 (64-50).
Волер со 18 поени го предводеше победничкиот тим, Радукиќ додаде 17, а Луковиќ 14. Кај Гостивар тројца кошаркари постигнаа по 15 поени – Соколов, Митевски и Комагум.


