Со дуелот против Словачка попладнево од 18 часот, македонската У20 репрезентавија го стартува својот настап на Европското првенство Б-дивизија и обидот да се врати во елитната конкуренција каде играше пред две години.
Тоа е генерацијата која во 2024 ја освои титулата на Европското првенство Б-дивизија во јуниорска конкуренција што е најголем успех на една македонска репрезентација во 21. век. Сепак, сега има една голема разлика – во тимот не е МВП од тој шампионат Никола Јаничиќ, како и Стефан Стојковиќ кој тогаш беше еден од најдобрите играчи во селекцијата.
Нашите младинци се наоѓаат во групата А, заедно со домаќинот Словачка, потоа Шведска, Ирска и Азербејџан, а за да се надеваат на повторување на успехот од пред две години, мораат да освојат едно од првите две места на табелата кои водат во нокаут фазата. Голем проблем е тоа што првите два меча, Македонија ги игра во период од 19 часа бидејќи денеска од 18 се среќава со Словачка, а утре од 13:30 со Ирска со тоа што за Ирците тоа ќе биде прв натпревар на првенството (денеска се слободни) и во него ќе влезат максимално одморени и свежи.
„Зад нас е 25-дневен подготвителен период во кој сите играчи покажаа максимална посветеност и висок професионализам. Имавме добри услови за работа, што ни овозможи секојдневно да напредуваме и како поединци и како тим. Атмосферата во екипата е одлична, а голем удел во тоа имаат и изминатите години во кои голем дел од овие репрезентативци играат заедно.
На првенството нема да можеме да сметаме на Никола Јаничиќ и Стефан Стојковиќ, кои не се доволно опоравени, како и на Димитар Зетов, кој најави заминување во Америка. Сепак, имаме целосна доверба во играчите кои се во составот и веруваме дека секој ќе го даде својот максимум.
Сега целиот наш фокус е на првиот натпревар против Словачка. Одиме чекор по чекор и се надеваме дека работата што ја направивме во изминатиот период ќе ја покажеме и на теренот“, изјави селекторот Никола Велев пред првиот натпревар на шампионатот.
Прва ѕвезда на оваа македонска селекција е Марко Луканоски кој беше во идеалната петорка пред две години, а тука се и Коста Ќирилоски кој има и интернационално искуство, потоа еден од најталенираните македонски кошаркари Лука Марјановиќ итн. Селектор е Никола Велев, а асистенти му се Марко Докузовски и Предраг Самарџиски.
Младата репрезентација е прва македонска селекција која излегува на терен ова лето, по неа, кон крајот на јули почнуваат јуниорите, потоа јуниорките и на крајот кадетите кои ќе учествуваат на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и Гевгелија.
СОСТАВ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
1. Сергеј Младеновски
2. Сергеј Петровиќ
3. Лука Марјановиќ
4. Даниел Батермер
5. Андреј Чадамов
6. Даријан Димовски
7. Коста Ќириловски
8. Атанасиј Трајанов
9. Амар Грбовиќ
10. Бојан Димитриев
11. Давид Петрушевски
12. Марко Лукановски
СЕЛЕКТОР: Никола Велев
АСИСТЕНТИ:
Марко Докузовски
Предраг Самарџиски
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
10.07 Македонија – Словачка 18:00
11.07 Македонија – Ирска 13:30
14.07 Македонија – Шведска 13:30
15.07 Македонија – Азербејџан 21:00


