Машката македонска младинска репрезентација ја оствари првата победа на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерменија.
Во третото коло, нашите кошаркари ја совладаа Грузија со 92-84 и ги задржаа шансите за второто место на крајот од групната фаза до кога им остануваат уште дуелите со Швајцарија и Данска. Победата денеска можеше да биде и поубедлива со оглед на тоа Македонија во третиот период имаше предност и од 23 разлика, но сепак се брои триумфот и фактот што се уште имаме можност да влеземе меѓу осумте најдобри.
Голем дел од работата денеска беше завршена во првото полувреме во кое македонската репрезентација постигна дури 56 поени и на голем одмор замина со 21 разлика во своја корист. Во последните четири минути од полувреме, нашите кошаркари не примија кош и со серија од 11-0 се изборија за висока предност. До средината на третиот период изгледаше дека триумфот нема да биде доведен во прашање, но потоа Грузијците направија 16-2 и се доближија на само девет поени негатива (57-66). Во тешките моменти се истакна Кечовски кој постигна тројка и Ќириловски со положување, па Македонија повторно отиде на сигурни +14 (71-57).
И во последната четвртина Грузија го продолжи притисокот, дојде на само -4 (70-74 и 72-76), но повторно нашите кошаркари се спасија со тројка, дело на Ќириловски и потоа забивање на Иванов за комотни 81-72. Клучната тројка на мечот ја постигна Ангел Стојанов на 43 секунди пред крајот за 91-80 со што беа уништени надежи на противникот за евентуален пресврт.
Петмина кошаркари во нашиот тим имаа двоцифрен ефект, најефикасен беше Ќириловски со 18 поени, но Луканоски и Стојковиќ имаа дабл дабл, првиот со 17 поени и 11 скока, а вториот со 13 поени и 12 скока. За разлика од вчерашниот меч кога имаа само 18% шут за тројка, денеска нашите репрезентативци погодија дури 11 тројки.
Утре на првенството е слободен ден, а во вторник Македонија се среќава со Швајцарија во рамките на четвртото коло.


