По триумфот против БиХ на домашен терен, младата репрезентација на Македонија денеска ја совлада и Бугарија во првиот од двата планирани пријателски дуел во Стара Загора.
Денеска, кошаркарите на Никола Велев славеа со 95-86, покажувајќи дека се наоѓаат во добра форма на неполни две недели пред почетокот на Европското првенство Б-дивизија во Братислава. Двете селекции имаа свои моменти, но Македонија подобро ги искористи своите.
По првата четвртина водеше со 27-18, Бугарите го свртеа резултатот во своја корист во вториот период и на голем одмор заминаа со 48-47, а во второто полувреме поведоа и со шест поени разлика. Сепак, финишот на мечот беше како што само можеше да посака стручниот штаб на македонската репрезентација. Нашите кошаркари ја стегнаа одбраната и примија само 17 поени, а постигнаа 32, доволни за пресврт и за победа на овој меч.
Сергеј Младеновски со 17 поени беше најефикасен во македонската селекција, Ќириловски додаде 16, а Луканоски и Бутемер по 10. Утре од 12 часот по локално време, двете репрезентации ќе одиграат уште еден натпревар по што македонските младинци се враќаат во Скопје каде ќе ги продолжат подготовките за Европското првенство.


