По десетина дена тренинзи во Скопје, У20 репрезентацијата на Македонија ја почнува втората фаза од подготовките за Европското првенство.
Денеска напладне, селекцијата предводена од Боро Смилковски патува за Црна Гора каде утре и задутре ќе се сретне со репрезентацијата на оваа земја. Црногорците ќе бидат добар тест за нашите млади кошаркари бидејќи и тие ќе играат на Европското првенство каде се во група со Литванија, Исланд и Словенија. Со овие натпревари, македонската репрезентација ја почнува серијата подготвителни натпревари, а до заминувањето за Полска треба да бидат одиграни шест меча. На 28 и 29 јуни, нашата селекција ќе се сретне со Словачка во Скопје, на 4 јули со комбиниран тим од американски кошаркари, а генералната проба е два дена подоцна, против Швајцарија, исто така во Скопје.
За Црна Гора патуваат 15 кошаркари со тоа што играчот на Розето Баскет, Ненад Јовановиќ е оправдано отсутен и треба подоцна да се приклучи на подготовките.


