Репрезентацијата на Франција по трет пат во историјата и втор во низа е европски првак во конкуренција на кошаркари до 20 години.
Во големото финале на шампионатот во Полска, „триколорите“ со голем пресврт во финишот ја победија Словенија со 82-78 и дојдоа до златото. На помалку од четири минути пред крајот, Словенците водеа со осум разлика (72-64), а потоа следуваше пеколниот финиш на Франција со 18-6 за највисокото место на пиедесталот. На 23 секунди пред крајот Словенија се доближи на само еден поен негатива со тројката на Осојник, потоа Бузиди реализира две слободни фрлања за последната надеж за израмнување да ја испушти Осојник со обид за тројка од агол.
До финалето, Словенија беше единствена репрезентација без пораз на првенството, додека Франција огромен дел од работата заврши со победата над Шпанија во четвртфиналето. Бронзениот медал го освои Грција која во „малото финале“ ја совлада Белгија со 70-68.
За жал, ова првенство не помина добро за македонската репрезентација која по 17 години се врати во елитата. Македонија е една од трите селекции кои испаднаа во Б-дивизијата, заедно со Турција и Црна Гора. Нивните места ќе ги заземат Романија, Украина и Финска кои ги освои првите три позиции на Европското првенство Б-дивизија во Питешти.


