Во последно време сè почесто сведочиме на сцени од младински кошаркарски натпревари каде децата се фаќаат за глава, протестираат, покажуваат гестови како барање за видеопреглед итн. Тоа не се само импулсивни реакции – тоа се огледала на она што им го покажуваме ние, возрасните.
Кој треба да ги учи овие деца што е фер-плеј, почитување, трпение, спортски пораз?
Кој треба да им покаже како се прифаќа судиска одлука, како се комуницира без навреди, како се игра со срце, а не со гнев?
Одговорот е: ние сите – тренерите, судиите, родителите, клубовите и федерацијата.
А како ќе го постигнеме тоа:
1. Со постојана едукација и за тренерите и за судиите – затоа што тие се првите учители и водичи на младите спортисти. Стручно водениот тренинг и фер судењето се темелот на довербата и развојот;
2. Со системски решенија и етички насоки – затоа што спортскиот развој не смее да зависи од импровизации. Правилници, кодекси и структури треба да постојат и да се почитуваат;
3. Со позитивни примери од возрасните – затоа што младите учат со очи, а не со уши. Начинот на кој се реагира – на клупа, на трибина, во соблекувална – директно се претвора во нивно однесување на терен.
И на крај, младинскиот спорт е многу повеќе од резултат, табела или медал. Тој е школа за живот, карактер и вредности.
Ако сакаме спортот да гради генерации со почит, интегритет и дисциплина, мора да го почнеме тоа и од нас самите, а како:
* Со зборовите што ги кажуваме;
* Со примерот што го даваме, и
* Со системот што го градиме.
За нив, децата. За играта. За спортот.
АВТОР: Александар Милојевиќ
Наставник и Комесар за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија


