Јуниорската репрезентација на Македонија обезбеди пласман во полуфиналето од Европското првенство Б-дивизија и е на чекор од медал и место во елитната конкуренција.
Во првиот меч од нокаут фазата, нашите млади кошаркари ја прегазија Португалија со 71-42 за шеста победа во шестиот натпревар од шампионатот. Со тоа потврдија дека досегашните резултати не се случајност и дека се можеби и најсериозни кандидати за златото.
Македонија ја имаше фаворитската улога на овој меч, но ѝ требаше малку време да се разигра и да влезе во ритам. Отвори со 6-0, но само поради добрата игра во одбрана имаше солидно водство по првата четвртина (17-8). Противникот не се предаде, во вториот период намали на 17-20, а на голем одмор се замина со 30-22 за нашата селекција. Сепак, ако во првото полувреме имаше ситни проблеми, во продолжение нив целосно ги снема, Македонија почна да го меле противникот и на крајот дојде до убедлива победа и покрај тоа што ова беше наш најнеефикасен натпревар на првенството.
Марко Луканоски одигра извонреден меч, постигна 17 поени и 14 скока, Јаничиќ додаде 16 поени, а двоцифрени беа уште Стојковиќ и Марјановиќ. Противник на Македонија во полуфиналето ќе биде подобриот од дуелот меѓу Швајцарија и Бугарија кој се игра вечерва.


