Актуелниот шампион на Франција, Монако направи конкретен чекор кон настап во АБА 2-лигата.
Францускиот клуб испратил официјален допис до раководството на АБА лигата, со кој бара да се разгледа можноста неговиот прв тим да биде дел од регионалното натпреварување во сезоната 2026/27.
Во дописот Монако бара сеопфатна правна и регулаторна проценка на можноста за учество, како и појаснување на сите услови, одобренија и процедури што би требало да ги исполни клубот.
„Клубот во оваа фаза бара потврда за правната, регулаторната и процедуралната изводливост на таквото учество, заедно со појаснување на сите одобренија, регистрации или други формалности што би можеле да бидат потребни од клубот и/или АБА лигата“, се наведува во дописот на Монако.
Од Кнежевството истакнуваат дека ситуацијата е итна и бараат одговор во најкус можен рок поради ограничениот период до почетокот на сезоната.
„Со оглед на итноста на ситуацијата и ограничениот временски период пред почетокот на натпреварувањето за сезоната 2026/27, би ни било исклучително драго да добиеме официјален став од Асоцијацијата во најкус можен рок“, стои во дописот.
Монако остана без место во француските професионални лиги, како и европските натпреварувања за сезоната 2026/27, а евентуалниот настап во АБА 2 би му овозможил на клубот да остане во сериозен регионален натпреварувачки систем.
Со оглед на тоа што минатата недела своето учество во АБА 2 лигата го откако македонскиот вицешампион Скопје (порано Маџари), Монако би можел да влезе на негово место и да се најде во групата со Војводина, Морнар и Борац Бања Лука.


