Новиот играч на Црвена Звезда, Чима Монеке е добар пријател со Ти Џеј Шортс, па го искоментира трансферот на македонскиот репрезентативец од Париз во Панатинаикос.
Иако неговиот премин во Грција беше означен како еден од топ-потезите во текот на летото, Шортс под водство на Атаман не добива соодветна минутажа и во првите две кола од Евролигата одигра само десет минути и постигна вкупно четири поени. Тоа е неверојатно, ако се знае дека плејмејкерот лани беше на чекор од освојување на МВП признанието и блескаше во елитното европско натпреварување.
„Ќе бидам искрен за статусот на Шортс. Се плашам дека стартната петорка на Панатинаикос ќе биде: Нан, Грант, Осман, Ернангомез и Холмс. Тоа е мое мислење. Едноставно не можам да верувам дека играч кој можеше да ја освои наградата за најкорисен играч би одел во кој било друг тим, а откако одигра само 10 минути како стартер во првиот натпревар, да не биде стартер во вториот. За што ги потрошија сите тие пари? За да не игра за некој друг тим, како Олимпијакос? Дали тоа е поентата. Тој е стартер – тој е плејмејкер, а не играч без топка – и тоа го знаеја кога го доведоа“, смета Монеке.
Панатинаикос му даде на Шортс годишна плата од 2,5 милиони евра што е шест пати повисока од онаа што ја заработуваше во Париз минатата година. Јасно е дека во ПАО конкуренцијата е далеку посилна, но мора да се има предвид дека Шортс претходните три сезони не само што освои еден куп трофеи, туку речиси секаде што играше, со исклучок на Евролигата, беше прогласуван за МВП на сезоната.


