Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски одигра уште еден извонреден натпревар во Еврокупот и е најзаслужен за новата победа на Тренто.
Италијанскиот тим славеше на гостувањето кај францускиот Бург со 91-73, на крилјата на нашиот кошаркар кој го одигра натпреварот на кариерата, За безмалку 32 минути во игра, тој постигна 30 поени со што го израмни својот досегашен рекорд, плус седум скока, три асистенции и две украдени топки за индекс 43, нов рекорд во неговата кариера. Со ваков ефект, тој секако ќе конкурира за МВП на колото во Еврокупот што би било апсолутно заслужено.
За одличната игра на Јакимовски, најдобро зборува податокот што Бург го отвори натпреварот со 21-5 по што влезе македонскиот кошаркар и целосно го сврте резултатот во корист на својот тим. Вториот период Тренто го доби со 27-12, а противникот го докусури во последните десет минути кои му припаднаа со 30-16.
Со овој триумф Тренто привремено се искачи на петтата позиција на табелата во својата група со биланс 5/5, а до крајот на основниот дел остануваат уште осум кола.


