Можеби првпат во историјата, за натпреварот на најтрофејните македонски екипи МЗТ Скопје и Работнички не е изречена ниедна казна.
И тоа не се однесува само на однесувањето на навивачите, туку и на актерите на теренот затоа што нема ни техничка грешка, макар за флопинг. Во најновиот билтен, објавен денеска од Кошаркарската федерација, за натпреварот што се одигра во „Јане Сандански“ само кратко пишува: Без забелешки од страна на обете екипи и службените лица.
Својата работа на овој меч на најдобар можен начин си ја завршија сите: кошаркарите на двете екипи приредија незаборавен натпревар, полн со возбудувања и кој се решаваше по продолжение, на службените лица, односно судиите никој немаше забелешки, полицијата и редарите во салата не дозволија дивеење, а навивачите на Работнички и МЗТ Скопје, конечно, покажаа зошто се најубавиот декор на овие дерби дуели.


