Светското првенство во кошарка во 2027 година ќе се одржи во Катар, а ФИБА официјално потврди дека сите натпревари ќе се играат во четири арени. Турнирот ќе се одржи од 27 август до 12 септември, а за титулата ќе се борат 32 репрезентации.
Најголемиот објект на шампионатот ќе биде „Лусаил Арена“, која има капацитет од 15.227 гледачи. Токму во оваа арена ќе се игра завршницата на турнирот, вклучително и големото финале.
„Ал Џануб Арена“ се наоѓа во Ал Вакра и е особено интересна бидејќи станува збор за стадион кој беше користен за време на Светското фудбалско првенство во Катар во 2022 година. За потребите на кошаркарскиот Мундијал ќе биде адаптиран во арена со капацитет од 8.200 места. „Ал Џануб Арена“ ќе стане првиот фудбалски стадион во историјата на ФИБА кој ќе биде претворен во кошаркарски објект за натпревари на Мундијалот.
Третиот објект е „Ал Атијах Арена“, додека четвртата е „Духаил Арена“, која со капацитет од 5.500 гледачи ќе биде најмалата арена на шампионатот.
Катар така ќе биде домаќин на едно од најголемите кошаркарски натпреварувања во светот, при што сите натпревари ќе се играат во еден град – Доха и нејзината поширока околина. На Мундијалот ќе се одиграат вкупно 92 натпревари.
Титулата на Светското првенство ќе ја брани Германија, која во финалето на Мундобаскетот во 2023 година ја совлада Србија.


