Сезоната за 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички донесе невидени контрадикторности бидејќи тимот што ги има најдобриот стрелец и најдобриот скокач во лигата се бори за опстанок.
Тоа, сепак, не може да го засени она што оваа натпреварувачка кампања го покажува(ше) репрезентативецот Виктор Ефремовски. Гостиварецот заврши како најдобар стрелец во лигата со просек од 22 поена што е невидено досега во македонското првенство, особено кога станува збор за домашни кошаркари.
Освен тоа што воодушеви со својата сигурност и се покажа како одличен лидер на тимот, Ефремовски оствари уште неколку достигнувања кои не беа видени во првенството на Македонија. Пред се, 50. постигнати поени против Маџари, серијата од шест натпревари со најмалку 20 поени и фактот што на ниеден натпревар не беше со едноцифрен број поени. Најмалку (11) реализира во дуелот со Феникс на 22 ноември, но затоа на истиот ривал му даде 30 во саботата, во првото коло од плејаутот.
Можеби не успеа да го однесе Работнички во плејофот, но исто така е факт дека немаше логистичка поддршка од клубот кој најголемиот дел од сезоната го помина со осум сениори од кои стандардно играа само седум. Бројките што сезонава ги оствари Ефремовски ќе останат како репер за во иднина, а тој секако го заслужи признанието за МВП на сезоната во изборот на КОШ.МК.


