Македонскиот првак МЗТ Скопје е пред огромна шанса по само една сезона во втората лига да се врати во елитната дивизија од АБА натпреварувањата.
Денеска од 18 часот, аеродромци играат директен дуел со Широки во борбата за четвртата позиција по основниот дел што ќе значи избегнување на српските екипи во четвртфиналето од плејофот. Ако се има предвид фактот што АБА донесе одлука од идната сезона АБА лигата да брои 16 екипи, односно да се прошири за две, а само една српска екипа ќе може да обезбеди пласман во повисок ранг, избегнувањето на Спартак, Златибор и Војводина ќе значи дека МЗТ Скопје има ширум отворена врата за барем бараж против последнопласираната екипа од елитната конкуренција – Крка или Морнар.
Ако победи денеска, МЗТ Скопје ќе го избегне дури и Широки во четвртфиналето и ќе игра со Подгорица против која славеше во основниот дел од сезоната и на хартија е нешто послаб тим од босанскиот претставник. Најважно од се е тоа што во четвртфиналето, возвратниот натпревар ќе го игра на домашен терен и ќе може да брка евентуална негатива пред своите навивачи.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Широки почнува во 18 часот и со него официјално завршува лигашкиот дел од АБА 2.


