МЗТ Скопје продолжува со формирањето на тимот за новата сезона, а најново засилување во редовите на „металците“ е српскиот центар Димитрије Николиќ.
Дваесет и осумгодишниот кошаркар, висок 211 сантиметри, денеска официјално стави потпис на договорот со македонскиот шампион и ќе биде важна алка во играта под обрачите.
Николиќ зад себе има богато искуство од настапи во повеќе клубови во Србија, регионот и странство. Кариерата ја започна во Раднички Крагуевац, а потоа четири сезони беше дел од белградски Партизан, каде што настапуваше од 2017 до 2021 година.
По периодот додека беше член на „црно-белите“, центарот играше и како позајмен во Слога Краљево, Слобода Ужице, ФМП и Златибор, а има и интернационално искуство од Романија, каде што го носеше дресот на Крајова и Брашов, како и од Литванија, каде настапуваше за Невезис.
Во составот на МЗТ Скопје, Николиќ се очекува да донесе физичка сила и стабилност во рекетот, благодарение на својата висина и играчкото искуство. Тој е четвртото странско засилување на тимот за претстојната сезона, по Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, како и босанскиот центар Емир Крајиниќ.
Покрај новите имиња, договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. На клупата останува тренерот Васко Атанасов.
МЗТ Скопје во сезоната која следува ќе се натпреварува во домашните шампионати, АБА 2 лигата и ФИБА Еврокупот, каде што ќе се обиде да оствари високи цели со значително освежен состав.


