Вистински спектакл се очекува вечерва во финалето од Купот на Македонија во кое ќе се сретнат МЗТ Скопје и МКК Куманово.
Кумановци се домаќини и организатори на завршниот турнир и ќе се обидат да стигнат до првиот трофеј не само во клупската историја, туку во кумановската кошарка воопшто. Еуфоријата во градот е невидена, се зборува само за кошарката, а кумановци веќе се пофалија дека сите билети се распродадени и се очекуваат полни трибини.
„Салата е распродадена во рекордно брзо време, буквално можеме да наполниме и арена со 10 илјади места. Дојде денот што го чекаме со години“, пишува на една кошаркарска фан страна од Куманово.
Клуб од овој град пред една деценија играше во финалето од плејофот, исто така против МЗТ Скопје, но не успеа да дојде до титулата. Пред 13 години, Куманово 2009 стигна до финалето од Купот, ама тогаш завршниот турнир се играше во Скопје.


