МЗТ Скопје си замина со победа од Чаир во продолжението од натпреварот кој почна во четвртокот, а заврши денеска
Дуелот се доигра без присуство на публика што беше од големо помош за аеродромци кои во такви услови подобро се снајдоа и дојдоа до посакуваниот триумф со 89-84. Во финишот од третата четвртина МЗТ Скопје имаше двоцифрена предност (64-54), но Чаир во последниот квартал направи пресврт и поведе со 68-67 на крилјата на извонредниот Галовеј.

МЗТ Скопје одговори со серија од 8-0, а чаирчани својата шанса ја испуштија на две минути пред крајот кога поради две неспортски лични грешки, Војдан Стојановски мораше да го напушти теренот. Во тие моменти, МЗТ Скопје имаше предност од 81-75, но Далгер промаши две слободни фрлања и потоа ја загуби топката што му овозможи на Баковиќ да постигне кош за +8 со што дефинитивно беше скршен отпорот на Чаир.
Играч на натпреварот беше кошаркарот на Чаир, Галовеј кој постигна 40 поени со 12 тројки од 16 обиди. Сепак, немаше соодветна поддршка од соиграчите бидејќи остатокот од тимот погоди само две тројки. Кај МЗТ Скопје, Гилон заврши со 19 поени и 7 асистенции. Шампионот успешно ги помина последните два тешки натпревари и многу веројатно во плејофот ќе влезе од првата стартна позиција.


