Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје утре ја отвора новата сезона, со натпреварот против Теодо во рамките на АБА 2 лигата.
По тој повод клубот одржа прес-конференција на која ги изнесе амбициите за претстојната натпреварувачка кампања. Извршниот директор Филип Ѓоревски, тренерот Васко Атанасов и капитен Дамјан Стојановски се едногласни дека не се задоволуваат со ништо помалку од тројна круна и враќање во елитната дивизија на АБА лигата.
„Амбициите на клубот се исти како и секоја година, со тоа што оваа сезона ќе дадеме поголем фокус на враќањето во АБА лигата. На домашна сцена, пак, сме главен претендент за освојување на сите трофеи. Како клуб доволен мотив и показател дека сме во правилна насока ни е продолжувањето на соработката со сите наши помагатели од претходната година“, рече Ѓоревски.
Васко Атанасов ќе го почне походот кон својата трета шампионска титула со што би станал најуспешен тренер во историјата на клубот.
„Успеавме да ги задржиме најголем дел од кошаркарите, управата ги исполни сите мои барања и заедно ќе се обидеме да ги освоиме сите трофеи во македонското првенство, но и да се пласираме во АБА лигата. Целите се секогаш високи, мотивацијата не изостанува, па би сакал повторно да ги израдуваме сите наши верни навивачи.
Сакам да започнеме со победа против Теодо и да ја пренесеме позитивната атмосфера и на првиот натпревар на домашна сцена, каде ќе се соочиме со ривалот од финалната серија Пелистер во рамките на Суперкупот“, рече младиот стручњак.
Во однос на минатата сезона нема да се менува ниту капитенот бидејќи со „лентата“ останува клупската и македонска легенда Дамјан Стојановски. Тој и неговиот брат Војдан повторно ќе бидат најголемите адути на МЗТ Скопје и лидери на помладите играчи во тимот.
„Чест ми е што и годинава ќе бидам капитен на клубот во кој престојувам долго време. Мислам дека имаме солиден ростер кој поседува квалитет да ја исполни главната цел, а таа е враќање во АБА лигата“, рече Стојановски.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Теодо се игра утре од 18 часот во „Јане Сандански“ и со него, всушност, почнува новата сезона во АБА 2 лигата. Останатите два македонски претставника во ова натпреварување Работнички и Пелистер на терен излегуваат в четврток (26 септември), односно 1 октомври.


