Со вечерашниот триумф против Пелистер, МЗТ Скопје ја продолжи низата пласмани во финалето од домашното првенство која почна во 2012 година.
Ова ќе биде 14. учество по ред во серијата за титула за тимот од Аеродром, а вкупно 20. во историјата на клубот. Со тоа, МЗТ Скопје се израмни со Работнички со по 20 финалиња во домашниот шампионат.
Тимот од Градски парк има 15 победи и пет порази во финалните серии, последната во 2019 година, додека МЗТ Скопје наа досегашните 19 учества забележа 12 победи и седум порази.
Засега останува на важност друг рекорд на Работнички – според бројот на настапи во финалето во серија. Најтрофејниот клуб во првенството од 1993 до 2007 година, секоја сезона се бореше за титулата и забележа вкупно 15 учества по ред во финалето од кои славеше на 14. МЗТ Скопје ќе има шанса да се израмни со својот голем ривал и по бројот на последователни титули бидејќи против Маџари ќе ја брка рекордната седма, колку имаше Работнички од 1993 до 1999 година.


