Македонскиот шампион МЗТ Скопје го претрпе и четвртиот пораз во ФИБА Европа купот, откако на домашен терен загуби од АЕК Ларнака со 69-85.
„Металците“ одиграа конкурентно прво полувреме, но во продолжението целосно попуштија и му дозволија на противникот да стигне до убедлив триумф во четвртото коло од групата Е.
Аеродромци го почнаа натпреварот одлично и со серија од 7-0 најавија дека ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен. АЕК брзо се врати во игра, го презеде водството и по голема борба ја доби првата четвртина со 23-20.
МЗТ не се предаде ниту во вториот период. Избраниците на Васко Атанасов успеаја повторно да го преземат водството, поведувајќи со 35-32, но гостите од Кипар одговорија со подобра завршница на полувремето. АЕК ја искористи својата офанзивна ефикасност и на паузата замина со предност од 49-42.
Клучниот период се одигра по одморот. МЗТ Скопје не успеа да го задржи нивото од првите 20 минути, додека АЕК продолжи да погодува и постепено ја зголемуваше разликата. Во еден момент предноста на гостите достигна и 20 поени (69-49), со што прашањето за победникот практично беше решено. Во последната четвртина македонскиот тим се обиде да ја намали негативата, но немаше сили за камбек. АЕК рутински ја контролираше играта до крајот и заслужено славеше со конечни 85-69. Тоа е најтежок пораз за МЗТ оваа сезона откако од Ираклис загуби со пет, од Тарту три, а од Вирцбург 14 разлика, додека од Сутјеска во АБА 2 лигата беше -10.
Во редовите на МЗТ Скопје, Емир Крајиниќ оствари дабл-дабл учинок со 17 поени и 12 скока, но неговиот настап не беше доволен за да се избегне нов европски пораз.
За МЗТ ова е трет пораз во низа, во период од една недела откако во саботата загуби на гости кај Сутјеска, а минатата недела кај Вирцбург. Шансите за пласман во следната фаза сега се сведени на минимум и на теорија. Идната недела МЗТ гостува кај полскиот Џики кој има максимален ефект по три одиграни натпревари.


