Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги очекува нов европски предизвик бидејќи македонскиот шампион гостува кај полскиот тим Џики Варшава, во рамките на петтото коло од групната фаза во ФИБА Еврокупот.
По четирите порази на стартот од сезоната во европското натпреварување, „штрковите“ се само со теоретски шанси за пласман во топ-16 фазата, пред се поради тоа што три од тие четири натпревари одигра на домашен терен. Следува серија од три гостувања и исклучително тежок распоред пред репрезентативната пауза при крајот на овој месец. Прв е дуелот со Џики кој е во жестока битка за второто место.
Полскиот тим има три победи и еден пораз, додека МЗТ Скопје е на последното место со четири порази. Полјаците во досегашниот дел од натпреварувањето постигнуваат просечно 86,3 поени по натпревар, наспроти 73,3 поени на скопскиот состав.
Сепак, МЗТ во Варшава пристигнува со дополнителна самодоверба по победата над Пелистер во домашното првенство со 74-60. Тој триумф може да биде важен психолошки момент за екипата, која се надева дека ќе ја пренесе подобрата игра и на европската сцена. Јасно е дека македонскиот првак нема што да загуби, но може многу да добие при евентуално изненадување во Полска.
Најголема опасност за одбраната на македонскиот шампион ќе претставува напаѓачкиот потенцијал на домаќините. Џики има неколку расположени кошаркари, а меѓу најдобрите стрелци се Остин Лук со просек од 13,5 поени и Куан Џексон со 11,8 поени по натпревар. Индивидуално, МЗТ има подобри напаѓи бидејќи Ноа Али Фарахан е со просек од 16 поени, а Димитрије Николиќ од 12,7 поени, но двајцата треба да добијат помош од соиграчите, а и вечерва ќе го нема капитенот Дамјан Стојановски кој е повреден.
Средбата Џики Варшава – МЗТ Скопје е закажана за вечерва со почеток во 19 часот. Веќе е одигран еден меч од петтото коло во оваа група, а во него Вирцбург го совлада Тарту со 113-79.


