МЗТ Скопје продолжува да ја бара првата победа во ФИБА Европа купот. Македонскиот претставник доживеа нов пораз на гостувањето во Полска, откако беше убедливо совладан од Џики Варшава со 66-89 во петтото коло од групата Е.
За „штрковите“ ова е петти пораз во исто толку натпревари во европското натпреварување, па ситуацијата во групата станува сè потешка. Екипата од Аеродром повторно не успеа да најде решение за расположениот противник, кој ја контролираше средбата и заслужено стигна до убедлив триумф.
МЗТ добро се држеше само во почетната четвртина, по која домашниот состав имаше предност од 20-17. Но, во вториот период следуваше целосен пад во играта на македонскиот тим. Џики ја доби четвртината со 27-14 и на пауза замина со двоцифрена предност од 47-31.
Ниту продолжението не донесе промена на сликата. Полскиот тим продолжи да ја зголемува разликата, добивајќи ја и третата четвртина со 24-17, со што пред последните десет минути веќе имаше комотни 71-48. Последниот период заврши нерешено (18-18), но победникот одамна беше решен.
Џики имаше дури 15 погодени тројки од 38 обиди. Кшиштоф Кемпа беше најефикасен со 19 поени и пет скока, Џозеф Џирард постигна 18, а Остин Лук додаде 15 поени. Токму оваа тројка направи најголеми проблеми за одбраната на македонскиот претставник. Кај МЗТ само Мекиќ беше двоцифрен и тоа со 11 поени.
За МЗТ ова е продолжение на лошата европска серија. Претходно скопјани загубија од Ираклис (59-64), Тарту (92-95), Вирцбург (73-87) и АЕК Ларнака (69-85). Сега на таа низа се надоврза и поразот во Варшава, па по пет одиграни кола „штрковите“ остануваат без ниту една победа.
Дополнителен проблем е што МЗТ во досегашните настапи тешко успева да ја пронајде потребната офанзивна константност. Во петте европски натпревари тимот има просек од само 71,8 поени, што е премалку за сериозна борба против поквалитетните противници во групата.
Пред аеродромци се уште две гостувања во ФИБА Европа купот, прво кај Ираклис, а потоа кај Тарту.


