Ждрепката за новата сезона во АБА 2 лигата ќе се одржи на 15 јули и тогаш ќе биде познато со кого ќе се сретнат македонските претставници МЗТ Скопје, Пелистер и Работнички.
Втора сезона, Македонија ќе има три клуба во регионалното натпреварување откако шампионот и вицешампионот добија директен пласман, а Работнички, како третопласиран, влезе со специјална покана за која плати 25 илјади евра. Од оваа сезона се игра со изменет систем, нема повеќе „балони“, а 16. екипи ќе бидат поделени во четири групи со по четири члена. Понатаму продолжуваат првопласираните две од секоја група, а во првата фаза нема да можат да се сретнат екипи од иста држава што значи дека МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер ќе бидат во различни групи.

Измени има и во составот на екипите. Динамо Загреб го откажа своето учество во АБА 2 оваа сезона и неговото место го пополни Шибенка. Поради ова дојде до поместување во шеширите за ждрепката бидејќи Босна иако со специјална покана, отиде во третиот шешир, а во последниот е Шибенка, заедно со Работнички, Вршац и Теодо.


