Иако пред почетокот на натпреварот дозна дека ги загуби шансите за пласман во следната фаза, екипата на МЗТ Скопје сепак достоинствено го одигра натпреварот против Теодо на последното гостување во регионалното натпреварување обваа сезона.
Македонскиот првак славеше со 70-65, но мечот имаше многу интересен тек. Тимот од Аеродром отвори со 17-0, првиот кош го прими во седмата минута, а на крајот на воведната четвртина имаше огромни 30-7. Се чинеше дека целиот гнев за неуспешната сезона во АБА 2 ќе биде истурен врз Теодо, но натамошниот дел од мечот сепак не беше таков.
Ако во првата четвртина МЗТ Скопје постигна 30 поени, во следните три заедно реализира вкупно 40. Теодо не се предаде по катастрофалниот почеток, во вториот период почна да ја намалува негативата, а во последниот не само што го стигна противникот, туку успеа и да поведе првпат на мечот (57-56). Во клучните моменти до израз дојде искуството на македонскиот шампион, па сега избегна сензационален пораз од еден од најслабите тимови во АБА 2 оваа сезона.
Баковиќ и Слај со по 14 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје за кого останува уште дуелот против Цедевита Јуниор за две недели на домашен терен кој нема да има никакво резултатско значење.


