Актуелниот македонски кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, го очекува сериозен тест на гостувањето во Гевгелија, каде што вечерва од 19 часот ќе се соочи со Кожув во рамките на второто коло од новата сезона во домашната Суперлига.
„Штрковите“ ја започнаа одбраната на шампионската титула со победа над МКК Куманово од 85-77, во реприза на дуелот од Суперкупот, па во Гевгелија ќе атакуваат на втор сезонски триумф. Но, задачата нема да биде нималку лесна, со оглед на тоа што Кожув исто така ја отвори сезоната со победа и ќе има дополнителен мотив пред своите навивачи.
Гевгеличани во првото коло го совладаа Скопје, поранешниот Маџари, со 101-95 на гостински терен. Со тоа покажаа дека располагаат со напаѓачки потенцијал и дека можат да бидат незгоден противник за секоја екипа во лигата. МЗТ, од друга страна, ќе се потпре на своето искуство и шампионскиот карактер, но ќе мора да одговори на агресивноста на домаќинот и да најде начин да ја контролира играта во салата „26 Април“, а најверојатно повторно ќе биде без Војдан Стојановски. Победата над Куманово беше добар почеток, но гостувањето во Гевгелија ќе биде значително поинаков предизвик.
Интересно е што овие два тима веќе се сретнаа во текот на оваа година и во Купот на Македонија. МЗТ тогаш славеше со 76-58 во полуфиналето на завршниот турнир во Куманово, но Кожув од тој дуел сигурно ќе бара дополнителна мотивација за да му се спротивстави на шампионот, а и двете екипи во меѓувреме претрпеа значајни измени.
На програмата денеска се уште два дуела од Суперлигата. Во Градски парк од 18 часот се среќаваат поранешните шампиони на Македонија, Работнички и Тиквеш кои исто така победнички ја почнаа новата сезона. Во исто време МКК Куманово го пречекува Штип во надеж дека ќе дојде до првиот триумф. Колото завршува утре со пресметката меѓу Струмица и Пелистер.


