МЗТ Скопје продолжува во победнички ритам на домашната сцена. Актуелниот шампион славеше со 81-73 на гостувањето кај Кожув, со што стигна до вториот триумф во исто толку кола во Суперлигата и потврди дека и оваа сезона ќе биде еден од главните кандидати за трофејот.
Тимот на Васко Атанасов не ја доби лесно битката во Гевгелија. Домаќините влегоа мотивирано во натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме му парираа на фаворитот, најавувајќи дека можат да му создадат сериозни проблеми. Сепак, во завршницата на првиот дел, аеродромци направија серија од 10-2, со која ја презедоа контролата и на паузата заминаа со предност од 41-40.
Во продолжението МЗТ успеа да го задржи водството и да ја наметне својата игра. Искуството и подобрата контрола во клучните моменти му овозможија на шампионот да го одбие налетот на Кожув и да стигне до конечни 81-73.
Најефикасни во победничкиот состав беа Андреј Маслинко и Димитрије Николиќ, кои реализираа по 19 поени. Маслинко натпреварот го заврши и со осум скока, додека Николиќ имаше шест скока. Петар Бошалески придонесе со девет поени и пет скока.
Кај Кожув, Армстронг беше прв стрелец со 17 поени, додека Бурис го заврши дуелот со 16. За гевгелискиот состав ова е прв пораз во новата сезона, откако на стартот славеше на гостувањето кај Скопје со 101-95.
МЗТ Скопје сега го очекува нов европски предизвик. Аеродромци во среда ќе го пречекаат Тарту во второто коло од ФИБА Европа купот, со амбиција да продолжат со добрите резултати и на меѓународната сцена.


