Македонскиот шампион МЗТ Скопје го доживеа и вториот пораз во ФИБА Европа купот и ги сведе на минимум шансите за пласман во Топ-16 фазата од ова натпреварување.
Откако минатата недела загуби од Ираклис, МЗТ вечерва повторно беше поразен пред своите навивачи, овојпат од естонскиот Тарту кој на хартија беше најслаб тим во групата. Тарту во „Јане Сандански“ славеше со 95-92, но конечниот резултат и не е реален одраз на она што се случуваше на теренот бидејќи Естонците не само што водеа безмалку цел натпревар, туку во еден период имаа и +15.
Единственото водство на натпреварот, МЗТ го имаше во третата минута кога по кошот на Маслинко поведе со 4-3. Тарту потоа ја презеде контролата над резултатот и до крајот на воведната четвртина имаше +7 (24-17). Нашиот тим пред крајот на првото полувреме израмни на 39-39, но доминацијата на Тарту продолжи и во вториот дел.
Откако постепено ја зголемуваше предноста, Тарту на почетокот од последната четвртина ги достигна највисоките +15 (77-62). На четири минути пред крајот гостите водеа и со 87-75 и се чинеше дека тука е крајот за МЗТ, но драмата допрва почнуваше. Предводен од извонредниот Николиќ, македонскиот првак почна да ја намалува негативата и по неговата тројка на 38 секунди пред крајот израмни на 92-92. Клучниот момент се случи во следниот напад кога Пасоја погоди тројка, Тадиќ потоа ги промаши двете слободни фрлања и тука беше крајот на сите надежи на МЗТ за добар резултат.
Николиќ беше убедливо најдобар играч на МЗТ со 22 поена и девет скока, Фарахан додаде 18 поени, а Тадиќ 15. Во следното коло аеродромци го имаат првото гостување, кај Вирцбург кој денеска доживеа убедлив пораз од Ираклис во Солун со 73-90. Денешниот натпревар беше можеби единствена шанса за МЗТ Скопје да дојде до победа во ФИБА Европа купот бидејќи останатите екипи се неколку нивоа погоре.


