Освен тоа што во вечерашното дерби влегува како фаворит поради поголемиот квалитет во играчкиот кадар, МЗТ Скопје ја има на своја страна и традицијата на натпреварите што се играат во Кале.
Последните сезони во оваа сала како домаќини играа повеќе македонски прволигаши Работнички, ТФТ, Чаир, Шкупи…, а долго време ниеден од нив не успеа да го совлада 11-кратниот шампион на Македонија. Таму најчесто се игра(ше) завршницата на Купот, како и Суперкупот и најчесто како победник излегуваше МЗТ Скопје.
Аеродромци немаат пораз во Кале од 20 април 2022 година или 30 месеци (без еден ден). Последен кој успеа да ги победи е ТФТ во првото коло од Суперлигата во сезоната 2021/22 и тоа се случи два месеца откако истиот тим сензационално го совлада МЗТ Скопје во финалето од Купот на Македонија со што накратко му ја прекина доминацијата во домашната кошарка. Оттогаш МЗТ Скопје во Кале прослави три Суперкупа и еден Куп на Македонија, а остана непоразен дури и од најголемите ривали. Откако Работнички како домаќин игра во Кале, ниеднаш не успеал да го победи МЗТ Скопје, а единствениот триумф во последните десет пресметки е од минатата сезона, во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода каде се одигра тоа дерби.
Интересно е тоа што претходните 3-4 години, МЗТ Скопје повеќе порази доживеа во својата сала, отколку во Кале, без разлика дали бил во улога на домаќин или гостин. Во „Јане Сандански“ оттогаш славеа екипите на Гостивар, Пелистер и Феникс, но ниеден од тие порази не беше во натпревари што одлучуваат за трофеи.


