Со три порази во петте кола во 2024 година, МЗТ Скопје попладнево се среќава со градскиот ривал ТФТ со императив да слави за да не го загуби чекорот со Работнички во борбата за првото место пред плејофот.
На крајот од минатата година изгледаше дека нема шанси некој да ги стигне аеродромци, но поразите во дуелите со Пелистер, Работнички и Феникс придонесоа предноста да се истопи и борбата за првата стартна позиција да стане максимално интересна. До крајот на основниот дел остануваат уште четири кола, во нив МЗТ Скопје има два тешки теста, а еден од нив е дуелот со ТФТ.

Тимот од Тафталиџе е во сосема спротивно расположение, се наоѓа во серија од пет победи (втора најдолга низа во лигата во моментов), непоразен е во 2024 година и се заканува првпат во својата историја да го совлада МЗТ Скопје во „Јане Сандански“. Шампионот се наоѓа во серија од осум победи во меѓусебните дуели, поминаа две години од последниот триумф на ТФТ, но тоа не ги обесхрабрува момците на Боро Смилковски кои се надеваат на продолжуваат на продолжување на победничката серија.

Сите шест натпревари од 19. коло на Првата лига се играат денеска, а освен во Аеродром, се очекува интересно да биде и во Кавадарци, како и во борбата за опстанок. Еуро Никел со три порази по ред го пречекува Феникс кој се наоѓа во извонредна форма, Кожув игра со Академија ФМП во надеж дека ќе ги продолжи шансите за пласман во плејофот, исто како и Гостивар во дуелот со Вардар.


