Македонскиот шампион МЗТ Скопје денеска го игра петтиот натпревар од АБА 2 лигата во кој му гостува на најслабиот тим во групата Теодо во Тиват.
Нема сомение дека нашиот претставниик е фаворит против екипата која се уште нема победа во оваа фаза, но подеднакво важен за него ќе биде исходот од дуелот во Домжале каде словенечкиот тим ја пречекува Цедевита Јуниор. За да остане во игра за пласман во следната фаза, на МЗТ Скопје му е потребна победа на Домжале бидејќи така, во последното коло на домашен терен ќе одлучува за второто место на табелата кое води во топ-8.
Со оглед на тоа што натпреварот во Домжале се игра од 18, а оној во Тиват во 20 часот, МЗТ Скопје веројатно уште пред почетокот на меч против Теодо ќе ја знае својата судбина. Домжалее со максимален ефект по првите четири кола и веќе го обезбеди пласманот во следната фаза, но сепак мора да внимава бидејќи теоретски Цедевита Јуниор може да го претекне на крајот ако вечерва слави со повеќе од осум поени разлика.
Единствената победа во досегашниот дел од сезоната во АБА 2, МЗТ Скопје ја оствари токму против Теодо во првото коло, со 68-50. Тогаш изгледаше дека македонскиот шампион е фаворит за едно од првите две места на табелата, но следуваа три минимални порази во низа што доведоа до тоа МЗТ Скопје да зависи од резултатите на другите екипи.


