Македонскиот шампион МЗТ Скопје го доживеа првиот пораз во АБА 2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Цедевита Јуниор во Загреб со 75-77 по продолжение.
Поразот сам по себе не е страшен, но лош е начинот на кој го доживеа клубот од Аеродром. МЗТ Скопје доминираше на теренот 2,5 четвртини, на крајот од првото полувреме водеше со 10 (46-36), а на стартот од третиот период и со највисоки 16 разлика (52-36).
И место тука да го дотолчи грогираниот противник, МЗТ дозволи Цедевита Јуниор да се врати во игра и да направи чудесен пресврт. Нашиот тим имаше двоцифрена предност и на две минути пред крајот на третата четвртина (59-48), но потоа домќинот направи 12-2 и се доближи на 60-61. Неколку минути потоа МЗТ одолеваше на нападите на противникот, но на влезот на последната минута потклекна и Цедевита Јуниор преку Буљан поведе со 68-67. До крајот на основниот дел Едвин успеа од линијата за слободни фрлања да израмни, но во последниот напад промаши шут за два, а Слај обид за тројка што можеше да му донесе победа на шампионот и мечот отиде во продолжение.
Во дополнителните пет минути Цедевита Јуниор почна со две тројки за 74-68, МЗТ одговори со серија од 7-0 за преземање на водството, но тука застана. Иди прво израмни од линијата за слободни фрлања, а Буљан со кош на две секунди пред крајот му донесе победа на домашниот тим.
Дион Едвин со 26 поени беше убедливо најдобар играч на МЗТ Скопје, но лошо е тоа што помош во реализацијата имаше само во Слај кој постигна 17 поени. Шанса да го поправи впечатокот и да остане во игра за пласман во следната фаза, МЗТ ќе има во третото коло, на 23 октомври кога го пречекува лидерот во групата Домжале.


