Откако пред три дена МЗТ Скопје тесно го победи Пелистер во првиот меч од финалната серија во домашното првенство, вечерва двете екипи ќе го одиграат и вториот дуел, повторно на теренот на актуелниот шампион.
Натпреварот почнува во 19 часот, а тој може да ги даде насоките за продолжението од финалето. Евентуален триумф на МЗТ Скопје ќе го донесе тимот од Аеродром на чекор од петтата титула по ред и 11. вкупно во историјата бидејќи потоа ќе има три меча од кои еден на домашен терен за да стави печат на сезоната. Во случај на триумф на Пелистер, битолчани ќе го повторат сценариото од полуфиналната серија против Работнички и ќе можат на двата дуела на домашен терен да се обидат да дојдат до првата титула во постоењето на клубот.
Според информациите од МЗТ Скопје, Војдан Стојановски треба да биде во составот, но поради повредата од претходниот меч, неговата минутажа ќе биде дозирана. Тоа е и најголем проблем во моментов за шампионот иако МЗТ во саботата покажа дека и без Војдан може да одигра квалитетно и дека има доволно извонредни кошаркари во својот состав.
Во исто време со дуелот во Аеродром, во Кале продолжува битката за третото место меѓу ТФТ и Работнички. Тимот од Градски парк води со 1-0 и во случај на триумф вечерва ќе ја освои бронзата за оваа сезона.


