Македонскиот првак МЗТ Скопје ја прекина соработката со американскиот интернационалец Седрик Расел, на два дена по завршувањето на четвртиот балон од АБА 2 лигата, во Нови Сад.
Расел дојде во Аеродром во пресрет на оваа сезона и оставаше впечаток дека добро се вклопил во тимот, а според статистиката, беше трет играч, односно стрелец на МЗТ Скопје. Во АБА 2 лигата просечно постигнуваше по 10, а во домашното првенство по 13 поени. Имаше и голема заслуга за победите против Шенчур и Војводина минатата недела, на спомнатиот турнир од АБА 2 лигата на кој МЗТ Скопје оствари максимални три победи.
„Оваа одлука e донесена во заеднички интерес, со цел двете страни да пронајдат подобри опции за до крајот на сезоната. Американскиот бек во домашното првенство одигра 13 средби со просечна реализација на 10 поени со не баш сјајна 39,8-отстотна прецизност, додека во АБА2 настапи на осум меча со просек од 13 поени со за нијанса попрецизен шут“, се вели во официјалното соопштение од клубот.
МЗТ Скопје додава дека е во потрага по ново решение на бековската позиција и за очекување е наскоро да биде засилен на тоа место. Во моментов тимот има четворица странци: Танасковиќ, Баковиќ, Ворку и Делалиќ.


