Сосема очекувано, актуелниот шампион МЗТ Скопје оствари убедлива победа во последното коло од основниот дел од првенството и од пол-позицијата ќе влезе во плејофот.
На гостувањето во Кисела Вода, аеродромци славеа против Академија ФМП со 105-67, а притоа ги сочува силите бидејќи Бојан Крстевски и Дамјан Стојановски не беа во комбинација за настап. Со оглед на разликата во квалитетот, конечниот резултат е реален одраз на силите меѓу двете екипи.
МЗТ Скопје првпат се одлепи со серијата од 12-0 во првата четвртина и отиде на 27-10. Втората серија се случи во вториот квартал, таа изнесуваше 14-0 и по неа шампионот веќе имаше недостижни 53-29. Остатокот од мечот беше само рутинско одработување за првиот фаворит за титулата во првенството.
Андреј Андоноски конечно блесна и постигна 20 поени и 9 скока, а за одбележување е ефектот на Баковиќ кој заврши со 19 поени, без промашување од игра и од линијата за слободни фрлања. Најефикасен на мечот беше играчот на Академија ФМП, Робертс со 25 поени.


