Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје ја победи Цедевита Јуниор во својот последен натпревар од АБА 2 лигата за оваа сезона.
Аеродромци славеа со 87-82, но тој триумф нема никакво значење бидејќи МЗТ Скопје и пред овој меч ги загуби сите шанси за пласман во топ-8. Сепак, нашиот претставник најде сили и мотив да извојува триумф кој е важен за имиџот на клубот, како и за кревање на самодовербата во тешкиот период.
МЗТ Скопје главно беше во водство во првото полувреме, но гостинот ја презеде иницијативата во третиот период и дури поведе со седум поени разлика (59-52). Новиот пресврт во почетната фаза од последната четвртина кога предводен од младите Андоноски и Петков, МЗТ направи серија од 7-0 и поведе со 75-71. Нешто подоцна се истакна и Војдан Стојановски со две тројки во низа, па на 97 секунди пред крајот македонскиот првак отиде на недостижни +7 (87-80).
Војдан беше најдобар играч на натпреварот со 17 поени, 5 асистенции и 4 скока, Маслинко додаде 12, а Едвин 11 поени.


